Романската опозициска Социјалдемократска партија (ПСД) освои мнозинство на вчерашните парламентарни избори, пред се, на бранот на незадоволството на гласачите од пандемијата на коронавирусот, покажуваат денешните првични резултати на независната комисија „Шифра“.
Таа соопшти дека социјалдемократите освоиле 29,27 проценти од гласовите, а либералите на премиерот Лудовиќ Орбан 25,57 проценти, врз основа на 96 проценти од преброените гласови, но во оваа бројка не биле вклучени и 265.000 гласа од дијаспората.
Британските медиуми пренесуваат дека сојузот УСР-Плус, најверојатен коалициски партнер на либералите, доби 15,5 проценти од гласовите.
Следниот парламент најверојатно ќе има пет партии, вклучувајќи го и унгарското малцинство УДМР и новата партија, Алијансата за обединување на Романија, која се смета за ултранационалистичка група.
Актуелниот романски премиер Лудовико Орбан уште синоќа прогласи победа на неговата владеачка Национал-либерална партија на парламентарните избори.
Во Романија вчера се одржаа парламентарни избори, на кои право на глас имаа 18 милиони граѓани. (МИА)