Германски суд вчера соопшти дека добил правна жалба од рускиот државен нафтен гигант Роснефт во врска со запленувањето на нејзините подружници во земјата од страна на германската влада, јави денеска ДПА.
Жалбата, која е насочена против германското Министерство за економија, сега е во процес, соопшти портпарол на судот во источниот град Лајпциг, кој одби да даде дополнителни детали.
Берлинската адвокатска фирма Малмендиер, која го застапува Роснефт, тврди дека не биле исполнети условите за државно преземање.
Минатиот месец Москва ја обвини Германија дека презема „присилна експропријација“ на нејзините германски подружници. „Роснефт“ го нарече запленувањето на инфраструктурата на рафинеријата за нафта „нелегално“.
Германската влада ги презеде двете компании во септември, ефективно ставајќи ја рафинеријата за нафта PCK во источна Германија под контрола на енергетскиот регулатор на земјата.
Роснефт нагласи дека одлуката на Берлин значи дека повеќе не е можно „да се гарантира индустриската и еколошката безбедност на фабриката“, иако додаде дека е подготвен да преговара за нов договор со германската влада под одредени услови. (МИА)