Руската изборна комисија соопшти дека регистрирала надворешно мешање во тековните парламентарни избори во земјата.
Гласањето, кое завршува утре, а се спроведува под невидени мерки на властите против опозицијата, им овозможува на Русите да гласаат и преку Интернет.
Изборната комисија тврди за „три кибер напади“ врз нејзината опрема од „странски држави“.
– Вчера регистриравме три насочени напади од странство, изјави Александар Соколчук, шеф на информативниот центар на изборната комисија. Два од нападите биле насочени против веб страницата на шефот на комисијата, а третиот бил напад за одбивање на услуга, односно обид одреден ресурс, обезбеден од компјутер, да биде недостапен за неговите целни корисници.
Руските медиуми ја цитираат изјавата на Соколчук дека нападите биле многу моќни. Тој не ги именуваше земјите од кои се преземени такви дејствија.
Шефицата на изборната комисија, Ела Памфилова, денеска истакна дека комисијата досега примила 137 поплаки за „присилно“ гласање.