Магацин со гориво експлодираше денеска во јужниот дел Русија, длабоко во руска територија во Орелската област, по напад кој најверојатно бил извршен со дрон, во кој нема повредени, соопштија локалните власти.
Експлозијата, за која се верува дека е резултат на напад, се случила на околу двесте километри од украинската граница. Од почетокот на руската офанзива против Украина, магацините со гориво и муниција на рускиот југ се цел на напади со дронови, за кои руските власти ја обвинуваат украинската војска.
Таквите напади најмногу беа насочени кон објекти во близина на границата, во области на границата со Украина, што не е случај со оваа експлозија во Орел, која се случи длабоко на руска територија.
„Денеска (среда) во 04:00 часот, дрон најверојатно предизвика експлозија на магацин за гориво во селото Стаљној Кон. Нема жртви“, соопшти гувернерот на Орелската област Андреј Кличков.
„Сите спасувачки служби се на местото на настанот“, додаде тој во изјавата објавена на Телеграм, без да го именува сторителот.
Експлозијата се случи по руските ракетни напади врз градовите низ Украина.