Рускиот истражен комитет отвори кривична постапка против поранешната уредничка на Канал еден (Channel One), Марина Овсјаникова, под обвинение за ширење лажни информации за руската армија, изјави нејзиниот адвокат Дмитри Захватов за руски медиуми.
Како што тој додаде, претресен е нејзиниот стан.
Во средината на март, Овсјаникова „влета“ во ТВ студио за време на програма во живо, држејќи транспарент како протест против тоа што Русија го нарекува „специјална воена операција во Украина“.
За инцидентот беше покрената предистражна постапка, но, разултатите сè уште се непознати. Московскиот окружен суд Останкински ја прогласи Овсјаникова за виновна поради организирање или одржување јавен настан без да се достави известување. Таа беше осудена на парична казна од 30.000 рубљи или 496 долари. Според податоците, Овсјаникова беше казнета поради нејзиното претходно видео повикување на неовластени протести, но, не и за телевизискиот инцидент, пишуваат руски медиуми. (МИА)