недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Руски бизнисмен осуден во Холандија за прекршување на санкциите кон Русија

Руски бизнисмен осуден во Холандија за прекршување на санкциите кон Русија

Окружниот суд во холандскиот град Ротердам прогласи за виновен 56-годишен руски државјанин под обвинение за прекршување на санкциите на ЕУ кон Русија и во отсуство му изрече 18 месеци затвор и парична казна од 200.000 евра.

– Обвинетиот, како де факто менаџер на компанија повеќе од седум месеци, е виновен за воспоставување и спроведување на шема за извоз на електронски уреди и производи со двојна намена на компании со седиште во Русија, што претставува прекршување на законодавството за санкции. Со ваквото однесување обвинетиот намерно и тенденциозно ги заобиколил ограничувачките мерки воведени од Европската унија, со што го поткопува меѓународното и домашното право, соопшти Окружниот суд во Ротердам.

Осудениот Дмитри К., кој е жител на градот Горсел во холандската провинција Гелдерланд, беше уапсен минатата година откако неговата банка ги известила властите за „сомнителни трансакции“ на сметката на неговата компанија. Тој беше пуштен од притвор да се брани од слобода до завршување на судската постапка, по што побегна во Русија.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според Јавното обвинителство, Дмитри К. во текот на минатата година во Русија испорачувал микрочипови и беспилотни летала со двојна намена, со што ги прекршил санкциите на ЕУ кон земјата воведени поради руската агресија врз Украина.

Во обвинителниот акт се наведува дека компанијата во сопственост на осомничениот нарачувала производи опфатени со режимот на санкции во име на руски фирми, при што како краен корисник на нарачката често била наведена измислена украинска компанија. Тој поднесувал и лажни фактури на име на фирма од Малдивите, која се водела како официјален клиент за набавка на уредите, кои потоа биле реекспортирани во Русија.

Европската Унија презема мерки за да спречи заобиколување на санкциите кон Русија, кои опфатија и ограничувања на извозот на стоки и технологија со двојна намена во трети земји кои не се членки на ЕУ.

Инаку, ова не е единствен случај на прекршување на санкциите од страна на поединци или фирми од Холандија, која е една од заговорниците за остри казнени мерки кон Русија. Во септември, висок службеник во холандското Министерство за одбрана беше уапсен поради извоз на резервни делови за авиони во Русија преку трети земји, а минатиот месец неколку компании и поединци од Холандија беа казнети поради учество во изградбата на Кримскиот мост, кој го поврзува полуостровот Крим со територијата на Русија.  (МИА)