Градскиот суд во Москва го осудил новинарот и поранешен советник на директорот на “Роскосмос”, Иван Сафронов на 22 години затвор поради велепредавство.
Освен тоа, Сафронов е осуден на дополнителни две години ограничена слобода по ослободувањето од затвор и парично е казнет во износ од 500.000 рубљи. Случајот е сослушан зад затворени врати, но на јавноста и било дозволено да ја слушне пресудата.
Адвокатот на одбраната Данил Никифоров рекол дека ќе поднесе дополнителна жалба на пресудата.
„Сигурно ќе поднесеме жалба. Веќе имаме жалба и подготвени сме да ја предадеме“, изјавил Никифоров.
Руското обвинителство во јули 2020-та година го обвинило советникот на шефот на руската вселенска агенција Роскосмос и поранешен новинар Иван Сафронов за предавство.
Во 2017-та бил обвинет дека пренесувал воени тајни на чешката разузнавачка агенција, што тој негира.