Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили првпат по неколку месеци се појави на телевизија речиси непрепознатлив.
„Потполно невин човек се држи во притвор. Јас не направив никакво кривично дело“, рече тој во видео обраќање, што се емитуваше во живо на неколку независни ТВ канали.
Саакашвили се наоѓа во цивилна болница, каде што беше префрлен минатата година откако започна 50-дневен штрајк со глад во знак на протест поради неговиот притвор.
„Ставањето во затвор нема да ме скрши. Ќе бидам активно вклучен во грузиската политика“, рече тој.
Лекарите рекоа дека Саакашвили (55) е изложен на ризик да умре од состојба која ја развил додека бил во притвор, иако грузиските власти велат дека му е пружена соодветна медицинска нега.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека од грузискиот амбасадор во Киев ќе биде побарано „да ја напушти Украина во рок од 48 часа за да одржи консултации во неговиот главен град“ за третманот на Саакашвили.
Зеленски сака Саакашвили, кој доби украинско државјанство во 2019 година, да биде префрлен во клиника во Украина или на запад.
Тој ја повика Грузија да го „предаде“ Саакашвили на Украина и да го „спаси овој човек“.