вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

САД и официјално: Руските сили во Украина извршиле воени злосторства

САД и официјално: Руските сили во Украина извршиле воени злосторства

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска и официјално ја изнесе позицијата на САД дека руските сили во Украина извршуваат воени злосторства и дека е потребно формирање на суд што ќе ја утврди одговорноста и ќе ги процесуира овие злосторства. 

-Врз основа на расположливи информации денеска можам да објавам дека американската Влада оценува дека припадници на руските сили извршиле воени злосторства во Украина, изјави Блинкен. 

Тој изјави дека забележани се безброј кредибилни извештаи за неселективни напади што намерно целат на цивили, како и други ѕверства. 

-Руските сили уништуваат станбени згради, училишта, болници, критична инфраструктура, цивилни возила, шопинг центри и амбуланти, со што илјадници невини цивили се убиени или ранети, истакна Блинкен. 

Тој наведува дека многу од локациите погодени од руските напади се јасно означени како места каде има цивили. 

-Ова го вклучува породилиштето во Мариупол, како што високиот комесар на ОН за човекови права истакна во својот извештај од 11 март. Исто така вклучува напад на театарот во Мариупол, јасно означен со зборот „дети“, на руски деца, со големи букви, видливи од голема височина. 

Се наведува дека силите на Путин користеле исти тактики во Грозни, Чеченија и Алепо, Сирија „каде го интензивираа бомбардирањето да ја скршат вољата на народот. Нивниот обид да го направт истото во Украина го шокира светот, и како претседателот Зеленски се изрази го натопија народот на Украина со крв и солзи“. 

Според Стејт департментот, заклучно со 22 март само во Мариупол загинале 2.400 цивили. Според ОН, во Украина досега загинале 2.500 цивили, не вклучувајќи го Мариупол, и од ОН истакнуваат дека бројката сигурно е поголема. 

Блинкен наведува дека оценката за тоа дека во Русија се извршени воени злосторства е заснована на внимателен преглед на достапната информација од јавноста и од разузнавачки извори.  

САД повикуваат на создавање на суд со јурисдикција за овие злосторства што  ќе биде одговорен во детерминирањето на криминалната вина на поединци во врска со злосторствата во Украина. 

САД продолжуваат да ги следат злосторствата извршени во земјата и ќе ги споделуваат сите информации со сојзиците и партнерите за ова, се вели во соопштението. (МИА)