Вршителот на должноста премиер на Шпанија, Педро Санчез, ја отфрли понудата на конзервативниот лидер Алберто Нунес Фејхо да поддржи двегодишен мандат за неговата Народна партија (ПП).
Партијата на Фејхо освои најмногу места, но не успеа да обезбеди мнозинство на националните избори минатиот месец, а тој се обидува да добие поддршка во Долниот дом на Парламентот за претстојното гласање на 27 септември.
Претходно на денешниот состанок Фејхо му понуди на социјалистот Санчез да го поддржи во замена за политички пакт.
За жал, она што го добив, колку што разбрав, е не, изјави Фејхо на новинарите по средбата.
Портпаролот на Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) истакна дека ПСОЕ нема да ја поддржи кандидатурата на Фејхо за премиер.
Претходно овој месец, Санчез рече дека има намера да се кандидира и за премиер.
Минатата недела шпанскиот крал Фелипе му го врачи мандатот на Фејхо да формира влада. Тој мора да обезбеди апсолутно мнозинство од најмалку 176 гласови во 350-члениот Парламент на првото гласање или просто мнозинство на второто гласање во рок од два дена од првото гласање.
Екстремно десничарската партија Вокс и двете регионални партии најавија дека ќе го поддржат Фејхо, со што се обезбедени 172 гласа, но тој сепак треба да убеди голем број регионални групи да го поддржат или да гласаат „воздржани“ на второто гласање за да може да се формира влада.
На 17 август социјалистите на Санчез успеаја да соберат 178 гласови со поддршка на левичарските и регионалните партии и нивниот кандидат беше избран за претседател на Парламентот.