Париз, 11 октомври 2022 (МИА) – Шефицата на француската дипломатија Кетрин Колона во изјава за француското радио денеска кажа дека Белорусија би можела да се соочи со санкции доколку се повеќе се вклучува во конфликтот во Украина.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко вчера изјави дека им наредил на безбедносните сили да се распоредат во близина на украинската граница, заедно со руските сили, како одговор на, како што рече, јасната закана за Белорусија од Киев и земјите кои ја поддржуваат.
Забелешките на Лукашенко, кој е на власт во Белорусија од 1994 година, укажуваат на потенцијална ескалација на војната во Украина, веројатно со заеднички руско-белоруски заеднички сили во северна Украина.
Лукашенко ја обвини Украина дека подготвува напад врз Белорусија и објасни дека затоа Минск ќе распореди руско-белоруски трупи.
Лукашенко почна белоруските сили да ги придвижува од пред три дена, очигледно по експлозијата на мостот Керч што го изградија Русите за да се поврзат со анектираниот полуостров Крим.
Француските медиуми наведуваат дека Лукашенко не прецизираше во кои области ќе бидат распоредени заедничките руско-белоруски единици.
-Поради влошување на ситуацијата на западните граници на руско-белоруската унија, почнавме со распоредување на регионалната група на Руската Федерација и Република Белорусија, изјави Лукашенко на состанокот со раководителите на безбедносните сили, пренесе агенцијата Белта.
Од почетокот на инвазијата врз Украина, на 24 февруари, руските сили ја користат територијата на Белорусија за испраќање војници и опрема во северна Украина.
-Последниве неколку часа, Украина беше цел на наведувани проектили од белоруска територија. Ова се први удари од белоруска почва врз Киев од крајот на март, изјави Пјер Грасер, француски истражувач и соработник во парискиот институт Сирис.
Властите во Киев наведуваат дека ирански беспилотни летала, со кои вчера беа ракетирани повеќе градови, биле лансирани од територијата на Белорусија. (МИА)