Советот за безбедност на Обединети нации на барање на европските држави денеска ќе одржи итна седница за Нагорно-Карабах, каде во тек е судир помеѓу ерменската и азербејџанската војска.
Германија и Франција ја поднесоа иницијативата, а беа поддржани и од Естонија, Белгија и Велика Британија. Седницата на СБ ќе се одржи зад затворени врати.
Ерменија и Азербејџан со децении се борат за Нагорно-Карабах, област претежно населена со Ерменци, која за време на СССР беше припоена кон Азербејџан.
Во судирите за контрола врз Нагорно-Карабах во периодот од 1988 до 1994 година загинаа 30.000 луѓе, а повеќе стотици илијади луѓе ги напуштија своите домови. Во 1994 година потпишано е примирје, но Баку и Ереван не се договорија за правниот статус на спорната област, која официјално и понатаму е дел од Азербејџан. Оттогаш има спорадични судири во Нагорно-Карабах, што се наоѓа помеѓу Иран, Русија и Турција.