Велика Британија се соочува со сериозни економски предизвици и има потреба од стабилност и единство, изјави денеска Риши Сунак, во својот прв јавен говор откако беше назначен за лидер на владејачката Конзервативна партија и иден премиер.
„Нема сомнеж дека се соочуваме со голем економски предизвик“, рече Сунак, пренесе „Ројтерс“.
Тој посочи дека на Британија сега и треба стабилност и единство и дека негов приоритет ќе биде да ги зближи Конзервативната партија и земјата.
„Се колнам дека ќе ви служам со интегритет и понизност“, изјави Сунак, пренесе Би-Би-Си.
Тој додаде дека континуирано ќе работи во корист на британскиот народ.
Сунак рече дека му е чест што ја има поддршката од своите колеги пратеници и што е избран за лидер.
„Најголемата привилегија во мојот живот е што можам да и’ служам на партијата што ја сакам и да и’ вратам на земјата на која и’ должам толку многу“, нагласи тој.
Сунак и оддаде признание на Лиз Трас за нејзиното достоинствено лидерство во тешки околности во странство и дома.