понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Се очекува Комитетот на американскиот Конгрес денеска да даде препорака за кривичен прогон на Трамп

Се очекува Комитетот на американскиот Конгрес денеска да даде препорака за кривичен прогон на Трамп

Комитетот на американскиот Конгрес за истражување на насилството од 6 јануари 2021 година со упадот во Капитолот во Вашингтон денеска ќе го  одржи својот последен состанок, со очекување да даде препорака Министерството за правда да разгледа можност за покренување кривична постапка против поранешниот протседател Доналд Трамп.

Специјалниот комитет на Претставничкиот дом го сочинуваат седум демократски и двајца републикански конгресмени, а нивната препорака може да се однесува и на советници и вработени во администрацијата кои му помогнале на Трамп да покрене повеќеслојна кампања насочена кон промена на резултатите од претседателските избори во 2020 година, на кои победи Џо Бајден.

Иако препораката за поведување кривична постапка е претежно симболична по природа, имајќи предвид дека Министерството за правда го има последниот збор за тоа дали ќе покрене обвинение, сепак станува збор за одлучен завршеток на истрагата која уште од самиот почеток има точно определена цел.

„Верувам дека претседателот Трамп го прекршил кривичниот закон по повеќе основи и дека тој мора да биде третиран како секој Американец кој го прекршил законот, што значи дека мора да биде кривично гонет“, изјави за „Си-Ен-Ен“ членот на Комитетот и член на Демократската партија, конгресменот Адам Шиф.

Комитетот беше формиран во јули 2021 година кога Демократите го имаа мнозинството во Претставничиот дом, а ќе се распушти на 3 јануари кога новото републиканско мнозинство ќе ја преземе контролата врз Долниот дом на Конгресот.

За време на својот мандат Комитетот спроведе повеќе од илјада интервјуа поврзани со нападот на толпата на Капитол на 6 јануари, одржа 10 јавни сослушувања и собра повеќе од милион документи. (МИА)