Руската полиција почна потера по 30-годишен маж, откако три млади студентки се убиени во градот Гаи, во југо-источниот дел на земјата, јави ДПА.
Лицето се смета за осомничено за случајот со тројното убиство, јави денеска полицијата од регионот Оренбург, на повеќе од 1.200 километри југоисточно од Москва.
Во соопштението се наведува дека жртви биле студенти по медицина, на возраст од 17, 18 и 19 години, кои живееле во ист стан.
Две тела се откриени за време на операција на гаснење пожар, додека трето телот било пронајдено надвор од куќата во градот Гаи, додава германската агенција.
Според иследниците, врз телата биле забележани траги на насилство. Според извештаите на медиумите, младите жени биле избодени до смрт, најверојатно во четвртокот, по што станот бил опожарен за да се прикријат доказите.
Полицијата соопштува дека осомничениот бил ослободен од затворски камп пред само три месеци.
Засега не се јасни причините за тројното убиство.