Поранешниот висок претставник на Ватикан, Карло Марија Вигано побара од папата Франциско да поднесе оставка, бидејќи, како што тврди, пред пет години му ги предочил обвиненијата за сексуално злоставување, со кои бил соочен поранешниот кардинал Теодор Макерик.
Макерик, чија оставка папата Франциско ја прифати минатиот месец, е прв кардинал кој поднел оставка од висока позиција во црквата, откако истрагата утврдила дека наводите за злоставување на 16-годишно момче се „кредибилни“.
Вигано во писмо на 11 страници, доставено до римокатоличките медиуми, објаснил дека на папата уште во 2013 година му ги предочил наводите за сексуално злоставување на нискорангирано свештенство, кои му се препишувале на Макерик. Тој е еден од највисоките црковни претставници обвинети за сексуално злоставување. (МИА)