Јужна Кореја денеска ја предупреди Северна Кореја дека употребата на нуклеарно оружје ќе ја доведе до самоуништување. Предупредувањето уследи откако Северна Кореја усвои Закон кој овозможува превентивно да се употреби нуклеарно оружје.
Јужнокорејскиот министер за одбрана Ли Јонг-сеоп наведе дека Законот само ќе ја продлабочи изолацијата на Северна Кореја. Тој наведе дека Сеул ќе ја зајакне својата превентивна одбрана од можни напади, ракетната одбрана и ќе побара помош од САД за да се одбрани, вклучително и од употреба на нуклеарно оружје.
Северна Кореја минатата недела усвои закон со кој се дозволува превентивна употреба на нуклеарно оружје доколку се соочи со непосреден напад. Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун при усвојувањето на овој закон во Парламентот изјави дека Пјонгјанг никогаш нема да се откаже од нуклеарното оружје, бидејќи тоа е неопходно поради заканите од САД.
Во текот на оваа година, Северна Кореја изврши невообичаено голем број ракетни тестирања.