Северна Кореја ја извести Јапонија дека во периодот од 31 мај до 11 јуни ќе лансира сателит, а јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада изјави дека и наредил на армијата да го соборат сателитот доколку навлезе на јапонска територија.
Во известувањето на Северна Кореја се истакнува дека лансирањето на сателитот би можело да влијае врз водите во Жолто Море, Источно Кинеско Море и источно од филипинскиот остров Лузон.
Јапонската крајбрежна стража издаде предупредување до бродовите во таа област поради можен ризик од паѓање на остатоци.
Северна Кореја за да лансира сателит во орбитата ќе мора да користи ракетна технологија со долг дострел, забранета со резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Нивните минати лансирања на шпионски сателити се сметаа за тајни ракетни тестови.
Генералниот секретар на јапонската влада Хироказу Мацуно изјави дека лансирањето на сателитот ќе ги прекрши резолуциите на ОН, што претставува „закана за мирот и безбедноста на Јапонија, регионот и меѓународната заедница“.
Според него, можно е сателитот да помине преку југозападните острови на Јапонија, вклучувајќи ја и Окинава, каде што САД имаат воена база.
Јужна Кореја го предупреди северниот сосед дека ќе се соочи со последици доколку продолжи со својот план за лансирање, што е во спротивност со резолуциите на Советот за безбедност на ОН кои му забрануваат на Северна Кореја да изврши какво било лансирање користејќи балистичка технологија.