Претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел денеска во Њујорк изјави дека Русија треба да биде суспендирана од членството во Советот за безбедност на ОН.
– Кога држава со статус постојан член на Советот за безбедност почне неиспровоцирана и неправедна војна, војна што е осудена од Генералното собрание, по автоматизам треба да биде суспендирана од Советот за безбедност, рече Мишел.
Тој посочи дека правото на вето во рамки на Советот за безбедност треба да биде исклучок, а не правило како што се практикува последно време и повика на реформи во ОН.
Постојано членство во Советот за безбедност на ОН имаат Кина, САД, Франција, Велика Британија и Русија, со право на вето на резолуциите.
Советот за безбедност на ОН е најмоќно меѓународно тело чии одлуки се обврзувачки за државите-членки на Светската организација. Согласно Повелбата на ОН, Советот за безбедност сноси „главна одговорност за одржување на мирот и безбедноста во светот“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неколку наврати побара да и биде одземено правото на вето на Русија се додека трае руската агресија врз Украина.