Европската унија мора да биде подготвена да се соочи со зголемување на бројот на мигранти кои се обидуваат да влезат во блокот, имајќи предвид дека пристигнувањето на многумина од Блискиот Исток преку Белорусија ќе продолжи уште долго време, изјави директорот на Фронтекс Фабрис Легери.
Европската унија го обвинува Минск дека создава криза како дел од „хибриден напад“ врз ЕУ со дистрибуција на белоруски визи на Блискиот исток, префрлање мигранти и охрабрување илегално да ја преминат границата.
– Од нашата анализа на ризик можеме да видиме дека сите фактори кои ја предизвикаа оваа криза се сè уште присутни и дека работите не се движат или не деескалираат … Мораме да бидеме подготвени да се соочиме со оваа ситуација долго време, рече Легери.
Полската гранична стража соопшти дека во октомври биле направени повеќе од 17.000 нелегални обиди за преминување на границата, што е двојно повеќе од септември, а илјадници мигранти сè уште кампуваат во близина на границата на Белорусија со Полска.
Полска одбива дополнителна поддршка од граничари на Фронтекс, тврдејќи дека има доволно сопствени гранични сили за да ја заврши работата. Владата се соочи со критики затоа што не дозволи Фронтекс да помогне во решавањето на кризата.
Легери рече дека иако Фронтекс не испрати луѓе на терен за да ја поддржат Полска поради ескалацијата на тензиите на нејзината граница со Белорусија, агенцијата разговара за споделување дополнителни сателитски снимки со земјата.
Исто така, планира да и помогне на Полска да ги врати мигрантите во нивните матични земји, како што е Ирак.
Легери подвлече дека кризата на границата е геополитичка и оти Фронтекс е оперативна агенција. Тој рече дека е потребна политичка одлука за да се одреди каква поддршка би можело да им треба на земјите како Полска. (МИА)