Шефовите на дипломатиите на седум балтички и нордиски земји денеска се во Киев во знак на поддршка на Украина, која се соочува со прекини на струја предизвикани од руските воздушни напади врз енергетската инфраструктура.
„Ние, министрите за надворешни работи на Естонија, Финска, Исланд, Летонија, Литванија, Норвешка и Шведска, денеска сме во Киев за да ја изразиме нашата солидарност со Украина“, напиша на Твитер литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис.
„И покрај руските бомби и варварската бруталност, Украина ќе победи“, напиша тој покрај фотографијата на министрите на железничката станица во Киев.
Украинската енергетска компанија „Укренерго“ претходно денеска објави дека дефицитот во енергетскиот систем на земјата е зголемен на 27 отсто и дека вонредните исклучувања се на сила низ целата земја.