вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Шерман: САД нема да разговараат со Москва за безбедноста на Европа без сојузниците

Шерман: САД нема да разговараат со Москва за безбедноста на Европа без сојузниците
epa09676792 US Deputy Secretary of State Wendy Sherman, left, and Russian deputy foreign minister Sergei Ryabkov attend security talks at the United States Mission in Geneva, Switzerland, 10 January 2022. EPA-EFE/DENIS BALIBOUSE / POOL

На денешниот состанок на билатералниот дијалог за стратешка стабилност со Русија, САД ќе ги сослушаат ставовите на Русија и ќе ги претстават своите, но нема да разговараат за безбедноста на Европа без своите сојузници и партнери, објави денеска на Твитер заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман, со фотографија од почетокот на средбата со заменик-шефот на руската дипломатија Сергеј Рјабков.

Разговорите меѓу руската и американската делегација се водат во Постојаната мисија на САД во Женева.

Претходно денеска Рјабков изјави дека позицијата на Москва е непоколеблива и дека нема да прави никакви отстапки под притисок и дека САД мора да бидат подготвени на компромис, пренесе руската агенција ТАСС.

Руско-американските разговори за безбедносните гаранции беа предложени од Москва, која претходно достави нацрт документи за безбедност до Вашингтон и НАТО, барајќи од Алијансата да не ги прима Украина и другите земји кои некогаш беа дел од СССР и да се откаже од распоредувањето сили и воена опрема во Централна и Источна Европа.

Портпаролот на Белата куќа изјави дека Вашингтон и Москва на 10 јануари ќе разговараат за тензиите поради Украина и контролата на нуклеарното оружје, по што на 12 јануари ќе следи средба Русија-НАТО, а на 13 јануари Русија и ОБСЕ.