Шест лица загинаа, а 15 се ранети во напад со повеќе ракетни фрлачи на Славјанск, град во источна Украина, изјави градоначалникот Вадим Лиах.
„Ова беа најжестоките удари од повеќе ракетни фрлачи по подолго време. Имаше 15 пожари, имаме повеќе мртви и ранети“, рече Лиах во видео објавено на Фејсбук.
Тетиана Игначенко, портпаролка на регионот Доњецк на кој припаѓа Славјанск, за украинските медиуми изјави дека „шест лица загинале, а 15 се ранети“ во гранатирањето на Славјанск.
Според украинските медиуми, еден од пожарите избувнал на градскиот пазар.
На југ, градот Краматорск, административниот центар на Донбас под контрола на украинските сили, втор ден по ред е цел на напади. Според градоначалникот Олександр Гончаренко, градот бил погоден од ракети Смерч.
Според него, погодена е станбена зона и празен хотел, но жртви нема.
Како што е наведено, Славјанск и Краматорск се под директна закана од руските сили, особено ако Киев го потврди падот на Лисичанск.