Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска телефонски разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на кого му нагласил дека заштитата на цивилите во Појасот Газа е клучна, како и гаранцијата за испорака на хуманитарна помош.
Како што соопшти кабинетот на Шолц, тој ја повтори „непоколебливата солидарност на Германија со Израел“.
– Тој ја подвлече важноста од заштита на цивилите и хуманитарната помош за населението во Појасот Газа, се вели во соопштението.
Војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа трае веќе 26 дена.
Во војната досега загинаа повеќе од 1.400 луѓе во Израел, а најмногу жртви имаше во првичните напади на екстремистите од Газа на 7 октомври. Околу 240 луѓе потоа беа киднапирани и однесени во Појасот Газа, а досега се ослободени пет жени заложници.
Бројот на палестинските жртви во војната вчера надмина 8.500 во Појасот Газа, а на Западниот Брег во насилството и израелските напади загинаа повеќе од 120 Палестинци.