понеделник, 13. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Шолц: Нуклеарните централи во Германија се завршена приказна

Шолц: Нуклеарните централи во Германија се завршена приказна

Германскиот канцелар Олаф Шолц го отфрли предлогот Германија да ја задржи отворена опцијата за користење нуклеарни централи, нагласувајќи тоа е „исцрпена тема и завршена приказна“.

– Со нуклеарната енергија е завршено. Прашањето за нуклеарната енергија во Германија е исцрпена тема. На секој што сака да изгради нови нуклеарни централи ќе му требаат 15 години и ќе мора да потроши 15-20 милијарди евра, рече Шолц во интервју за германското радио Дојчландфунк.

Германскиот канцелар кажа дека со прекинот на користењето на нуклеарната енергија започна и демонтажа на централите, и затоа секоја дискусија за нејзино повторно користење би подразбирало изградба на нови електрани.

Дебатата за нуклеарната енергија во Германија се актуелизира откако Шолц во средата вети дека ќе се обиде да стави крај на честите јавни судири што ја оптоваруваат идеолошки шарената владејачка коалиција на неговите социјалдемократи, зелените и слободните демократи.

Германија ги затвори своите последни три нуклеарни реактори во април, завршувајќи го процесот што доби широка политичка поддршка по катастрофата на јапонскиот нуклеарен реактор Фукушима во 2011 година.

Членовите на Слободните демократи, кои се дел од владејачката коалиција на Шолц, се меѓу оние кои се залагаа за преиспитување на таквата одлука откако цените на енергијата пораснаа поради војната во Украина. Оваа недела, парламентарната група на Слободните демократи објави соопштение во кое се вели дека сака „да се запре демонтирањето на нуклеарните централи кои сè уште се употребливи“, како дел од напорите земјата да се подготви за најлошите сценарија.

Канцеларот Шолц јавно го отфрли тој предлог. (МИА)