Германија денеска им се извини на семејствата на жртвите од нападот на Олимписките игри во Минхен пред 50 години и ја призна одговорноста за серијата пропусти што доведоа до убиството на 11 Израелци.
-Како шеф на оваа држава и во име на Сојузна Република Германија, барам ваша прошка за несоодветната заштита на израелските спортисти за време на Олимписките игри во Минхен, несоодветното разјаснување на фактот дека тоа што се случи можеше да се случи, изјави денеска претседателот Франк-Валтер Штајнмаер на церемонијата по повод 50-годишнината од нападот, обраќајќи им се на роднините на жртвите.
Претседателите на Германија и на Израел денеска ги предводеа комеморациите за одбележување на 50 години од нападот на ОИ со надеж дека долгоочекуваниот договор за компензација за ужалените семејства конечно ќе помогне да се почне со заздравување, пренесоа француските медиуми.
На 5 септември 1972 година, осум вооружени членови на палестинската екстремистичка организација „Црн септември“ упаднаа во зградата во која се наоѓаше израелскиот олимписки тим во Олимпиското село, убивајќи двајца, а земајќи девет заложници.
Спасувачката операција на тогашната западногерманска полиција не успеа и сите заложници беа убиени, како и пет напаѓачи и еден полицаец.
Роднините на жртвите најавија дека ќе ја бојкотираат денешната комеморација поради несогласувањата околу обештетувањето, но минатата среда конечно беше постигнат договор Берлин да обезбеди вкупно 28 милиони евра отштета.
Германија, исто така, за прв пат ја призна одговорноста за грешките што доведоа до убиството на Израелеците.
Штајнмаер денеска се извини за тие пропусти на неговата земја.
Комеморацијата се одржа на аеродромот Фирстенфелбрук во близина на Минхен, местото на неуспешниот обид за спасување на деветмината израелски спортисти.
На локацијата на трагедијата од пред 50 години Штајнмаер и израелскиот претседател Исак Херцог положија венци.
-Зборуваме за голема трагедија и троен неуспех. Првиот се однесува на подготовките за Игрите и безбедносниот концепт, вториот на настаните од 5 и 6 септември 1972 година. Третиот почнува ден по нападот: тишина, негирање и заборав, рече Штајнмаер. (МИА)