Штрајкот на пилотите на „Еуровингс“ најавен за утре ќе погоди 30.000 патници, што се однесува на летовите на оваа компанија во Германија, објави денеска компанијата „Луфтханза“, во чии рамки работи нискобуџетната авиокомпанија „Еуровингс“.
„Проценуваме дека ќе можеме да се справиме со повеќе од половината од 500-те планирани летови“, соопшти Луфтханза и додаде дека прават се што е во нивна моќ патниците да не ги почувствуваат последиците од штрајкот.
По 10-та рунда преговори меѓу синдикатот на пилотите на здружението „Кабински персонал“ и „Еуровингс“ денеска беше објавено дека тие завршија без резултат.
Синдикатите бараат намалување на максималниот број на часови лет по пилот, што „Еуровингс“ го отфрла, тврдејќи дека поради оваа мерка треба да се откажат 20 отсто од летовите.
Директорот на персоналот на Еуровингс, Каи Дуве, смета дека барањата на пилотите се „целосно неосновани“ и додаде дека „Еуровингс“ веќе обезбедува „најдобри услови“ во споредба со другите европски авиокомпании.
Самата Луфтханза во последните неколку месеци во неколку наврати беше погодена од штрајкови на пилотите, иако тие се меѓу најдобро платените пилоти во светот. (МИА)