Стапката на невработеност во Шведска се искачи на највисоко ниво од 1998 година. Таа изнесува скоро десет проценти во јуни заради економскиот пад предизвикан од коронавирусот, велат шведските статистичари.
Сезонски прилагодената стапка на невработеност, во која се вклучени лица на возраст меѓу 16 и 64 години, минатиот месец достигна 9,4 проценти, надминувајќи го врвот од девет проценти во почетокот на 2010 година, поради финансиската криза. Растот беше многу остар, при што невработеноста изнесуваше 7,2 проценти во јануари и достигна 8,6 во мај.
Највисоката стапка датира од јуни 1997 година (11,7) на крајот на тешката економска криза што ја зафати Шведска. Според неприлагодените сезонски податоци, Шведска во јуни имала 557.000 невработени, што е близу 150.000 повеќе од година порано.
Посебно се погодени младите луѓе, чија невработеност го достигна највисокото ниво од 1993 година. Скоро 173.000 лица под 25-годишна возраст се регистрирани како невработени, 50.000 повеќе отколку пред пандемијата на коронавирус во Шведска.
Брзото зголемување првенствено се должи на „оние кои имаа привремени договори и не добија продолжување“, вели Давид Самуелсон, статистичар од Шведска.