Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска повторно се појави на државната телевизија по неколкудневно отсуство од јавноста, што предизвика реакции за политичката стабилност на 69-годишниот кинески лидер.
Си беше прикажан на телевизија за време на посетата на изложбата наречена „Прославување на напредокот во новата ера“ на саемот во Пекинг.
Придружуван од премиерот Ли Кечијанг и други високи кинески лидери, Си, кој е и шеф на владејачката Комунистичка партија и врховен командант на Народноослободителната армија, гледаше некои презентации и коментираше за економскиот напредок на Кина во изминатата деценија.
Посетата на изложбата беше прво телевизиско појавување на Си откако се врати од регионалниот самит во Узбекистан минатиот викенд.
Според кинеските прописи за пандемијата, тој треба да остане во карантин една недела по враќањето од странство.