Американската медиумска куќа Си-Ен-Ен објави дека водителот Крис Куомо е отпуштен и дека одлуката веднаш стапува во сила.
Куомо претходно беше суспендиран на неодредено време, откако се појавија детали за помагање на неговиот брат, поранешниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо, да се соочи со обвинувањата за сексуално вознемирување објавени претходно оваа година.
Си-Ен-Ен објави дека документите објавени од државниот обвинител на Њујорк во понеделникот покажуваат дека Крис Куомо бил повеќе вклучен во одбраната на својот брат отколку што знаеле водачите на мрежата.
Во извештајот на АП се наведува дека популарниот водител извршил притисок врз изворите поврзани со жртвите на неговиот брат и ги информирал соработниците на гувернерот за своите наоди, активно помагајќи да се развие одбранбен план и одговор на обвинувањата.
Крис претходно призна дека разговарал со својот брат и му дал совет кога гувернерот се соочил со обвинение за сексуално вознемирување, меѓутоа, информациите објавени во понеделникот открија многу повеќе детали за тоа што точно направил суспендираниот водител на Си-Ен-Ен.
Според Нилсен, шоуто на Крис Куомo, кое се емитува во 21 часот во работните денови, го гледале во просек 1,3 милиони гледачи, нешто повеќе од шоуто на Андерсон Купер на најпопуларниот автор и водител на Си-Ен-Ен, кој вчера го замени Куом0 во своето шоу.
Гувернерот Ендрју Куомо поднесе оставка во август за да избегне речиси сигурна процедура за отповикување.
На денот кога поднесе оставка, Крис Куомо им рече на гледачите дека oваа ситуација не можел ни да ја замисли. Тој истакна дека никогаш не известувал за скандалот со сексуално вознемирување, ниту пак се обидел да се меша во известувањето на Си-Ен-Ен. Тој призна дека се обидел да биде тука за својот брат кога избил скандалот.
„Јас не сум советник. Јас сум брат. Ништо не контролирав. Бев таму да слушам и да го дадам своето мислење“, изјави тогаш водителот.
Во средата, Крис Куомо оцени дека неговата суспензија е срамна, но разбирлива. Си-Ен-Ен наведува дека, заедно со информациите во документите кои укажуваат на сериозно кршење на стандардите, Куомо бил информиран за неговото отпуштање во саботата.