Во извештајот на Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ) се наведува дека во 2021 година глобалните трошоци за оружје достигнаа рекордни 2,11 трилиони долари. Земјите ширум светот ги зголемија трошоците за вооружување за 0,7 проценти.
Трошоците се зголемуваат седум години по ред, а аналитичарите на СИПРИ предвидуваат дека оваа година повторно ќе биде рекордна. Побарувачката во одбранбената индустрија значително порасна поради конфликтот во Украина.
Најмногу пари за оружје потрошиле САД. Во 2021 година Вашингтон издвоил 801 милијарда долари, но трошоците се за 1,4 отсто помали од претходната година. Кина и понатаму е на второ место со 293 милијарди долари. Тоа е за 4,7 отсто повеќе отколку во 2020 година, а потрошувачката на оружје во Кина расте 27. година по ред. Потоа следат Индија (76,6 милијарди долари), Велика Британија (68,4 милијарди долари) и Русија (65,9 милијарди долари). Русија трета година по ред ги зголемува трошоците за оружје.
Додека јапонската Влада за одбраната одвои седум милијарди долари, што е највисока сума од 1972 година. Австралија во 2021 година за четири отсто ги зголеми расходите за вооружување, што достигнаа 31,8 милијарди долари.
Растечката закана на Кина во и околу Јужно Кинеско и Источно Кинеско Море се главен двигател на воените трошоци во земји како Австралија и Јапонија. Пример за ова е трипартитниот безбедносен договор АУКУС меѓу Австралија, Велика Британија и САД, кој предвидува испорака на осум нуклеарни подморници во Австралија во вредност од приближно 128 милијарди долари, истакна д-р Нан Тијан.
Во извештајот на СИПРИ се наведува дека Иран, по четири години, првпат во 2021 година го зголеми буџетот и за одбраната одвои 24,6 милијарди долари.
Од европските земји на НАТО, само осум го одржаа ветувањето дека ќе потрошат најмалку два отсто од БДП за одбрана минатата година. Ова е еден помалку од 2020 година, но повеќе од два во 2014 година.
– Трошоците во Европа веќе растат и овој тренд ќе се интензивира. Промената е обично бавна додека не се појави криза, по што се забрзува. Мислам дека сме токму во таков момент, истакна директорка на програмата за вооружување на СИПРИ, Луси Беро-Судро. (МИА)