Бројот на пријавени случаи на детска порнографија во првата половина од оваа година е речиси двојно зголемен во однос на истиот период минатата година, објави германската канцеларија за борба против криминалот (БКА), а денеска пренесоа германските медиуми.
– Во првите шест месеци од оваа година забележавме речиси ист број пријавени случаи на детска порнографија како и во целата минатата година – изјави претседателот на БКА Холгер Минч во интервју за германскиот весник Билд, пренесе Хина.
Според Мин, расте бројот на пријави и започнати постапки поврзани со случаи на прикажување материјали со детска порнографија, што им носи големи тешкотии на истражните органи.
– Забележливото зголемување на овие случаи ја доведува полицијата до границите на своите можности и во техничка и во кадровска смисла – посочи Мин.
Претседателот на БКА рече дека е забележано нагло зголемување на компјутерскиот криминал, што е тренд што започна минатата година.
Тој укажа и на зголемувањето на случаите на измами во делот на субвенциите што ги плаќа државата за време на пандемијата на коронавирусот.