Даунинг Стрит денеска соопшти дека британската премиерка Тереза Меј го именувала министерот за домување Доминик Раб како нов министер задолжен за спроведување на британското излегување од Европската унија.
Одлуката на Меј следува откако досегашниот министер задолжен за преговорите за Брегзит, Дејвид Дејвис, поднесе оставка незадоволен од исходот на владиниот состанок во петокот. На тој состанок, кој се одржа во резиденцијата Чекерс, Тереза Меј побара од нејзините министри да се обврзат да почитуваат низа на инструкции во британските преговори со европските претставници, на кои се разгледуваат идните трговски односи на Велика Британија и ЕУ, правата на државјаните и жителите, границата со Ирска, британскиот однос кон европските регулативи и низа други прашања.
По состанокот, Дејвис изјави дека договореното нема да значи вистинско напуштање на Европската унија и дека британскиот Парламент ќе остане обврзан на огромен број правила и регулативи на ЕУ, по што ја поднесе својата оставка.
Доминик Раб (44), чие именување денеска е одобрено од страна на Кралицата, е познат како силен поддржувач на излегувањето од Европската унија. Самата премиерка го поддржуваше предлогот Велика Британија да остане во ЕУ, поради што водачите на таборот кој е за излегување од ЕУ, како Мајкл Гоув и Борис Џонсон, гледаат сомничаво кон неа.
Оставката на Дејвис и незадоволството од исходот на средбата во Чекерс ја отвори можноста за уривање на Владата на Меј и распишување на уште едни предвремени избори.