Сопругата на мексиканскиот нарко бос „Ел Чапо“, Ема Коронел Ајспуро денеска беше осудена од американскиот федерален суд на три години затвор, откако призна дека е вмешана во шверцот на моќниот картел Синалоа, пишува Си-Ен-Ен.
Обвинителите за неа бараа четири години затвор. Судијата Рудолф Контрерас рече дека Американката со мексиканско потекло (32) била многу млада кога се омажила за Ел Чапо и дека соработувала со властите по нејзиното апсење во февруари.
Ема Коронел беше обвинета во јуни за вмешаност во трговија со дрога, перење пари и трансакции со странски дилер на дрога.
Поранешната мисица, инфлуенсерка и креаторка, е обвинета дека била „посредник“ меѓу Хоакин Гузман „Ел Чапо“ и неговите соработници, за учество во администрацијата на картелот Синалоа – еден од најмоќните во светот кога Ел Чапо бил во затвор во Мексико.
Ема Коронел Ајспуро во 2007 година се омажила за „Ел Чапо“, кој е 32 години постар од неа и со него има близнаци. Од венчавката до неговото апсење во февруари, таа имала повеќекратни свесни придобивки од трговијата со дрога на нејзиниот сопруг, се вели во обвинението.