Група латиноамерикански земји денеска повикаа да се зголеми помошта за илјадниците мигранти од Венецуела, кои ја напуштија земјата по нејзиниот економски колапс.
Вкупно 11 земји од регионот, во главниот град на Еквадор, Кито, потпишаа декларација во која повикуваат на „значително зголемување“ на ресурсите за справување со миграцијата од Венецуела, која ОН неодамна ја нарече „кризен момент“.
Декларацијата, која беше потпишана од Аргентина, Бразил, Еквадор, Костарика, Колумбија, Чиле, Мексико, Панама, Парагвај, Перу и Уругвај, беше усвоена по дводневен состанок на работни групи.
Во документот се повикува да се зголеми помошта за венецуелските мигранти како од самите земји, така и од ОН и други специјализирани меѓународни организации. Земјите исто така го повикаа Каракас да воспостави процедури со кои на сите жители на Венецуела ќе им се издаваат документи кои им се потребни за слободно движење преку границите.
Венецуела не учествувала на состанокот, иако била поканета, соопштија организаторите.
Државите потписнички се договорија и да формираат регионална програма за размена на информации за венецуелските мигранти, со цел да се обезбеди ред и безбедност на миграциските текови.
Од 2015 година, 1,6 милиони Венецуелци ја напуштиле својата земја, од кои 90 отсто пристигнуваат во соседните земји од Јужна Америка, покажуваат податоци на ОН. Во исто време, властите во Венецуела негираат дека во земјата има хуманитарна криза.
(Миа)