Официјалните податоци покажуваат дека меѓу 18.000 и 25.000 китови годишно угинуваат поради судири со бродови. Пловилата се сериозна закана за китовите, па современата технологија може да помогне да се заштитат овие морски животни.
Така, Владата на Чиле, во соработка со Фондацијата МЕРИ и Иницијативата „Син брод“, се обидува да најде решение потпирајќи се на технологијата на „паметна пловка“ којашто треба да помогне во следењето на морските екосистеми и заштитата на китовите. Проектот е во тек во заливот Корковадо и „пловката“ ги предупредува бродските посади доколку има китови во нивна близина, за да се избегнат инциденти.
Технологијата користи океанографски сензори и софтвер за тн. „Слушање во длабоката океанска средина“ (ЛИДО), дополнет со вештачка интелигенција за да ги одреди видот и местоположбата на цицачите. Исто така, го следи и нивото кислород, температурата и други фактори на океанот. Овие податоци би можеле да помогнат и во проучување на климатските промени и влијанието врз морскиот свет.
Иницијативата „Син брод“ засега користи шест „пловки“ за заштита на китовите во заливот. Членовите на проектот се надеваат дека ќе можат да го покријат целосното движење на китовите меѓу Антарктикот и екваторот, што би можело да го намали бројот судири низ целото нивно живеалиште. Тоа значи и подобри и покорисни податоци при донесувањето одлуки и во политиката за заштита на животната средина.
Технологијата може да биде подеднакво важна и за луѓето и за китовите. Покрај нивната улога во урамнотежувањето на екосистемите, китовите помагаат да се прераспредели топлината низ океанските струи. Колку повеќе се овие животни, толку океанот ќе биде поголема заштита од глобалното затоплување и неговите штетни влијанија.