Претседателот на Фудбалската федерација на Саудиска Арабија, Јасер Ал Мисехал, демантираше дека репрезентативците биле наградени со автомобили од марката „Ролс Ројс“ за победата над Аргентина на Мундијалот во Катар, пренесува шпанскиот весник „Марка“.
Саудиска Арабија на 22 ноември, во натпревар од првото коло во група Ц на Мундијалот, приреди големо изненадување и ја совлада Аргентина со 2-1, а дел од светските медиуми потоа објавија дека секој саудиски репрезентативец бил награден со вредниот автомобил.
„Тие играа за чест бидејќи ја претставуваа својата земја. Го направија тоа на најдобар можен начин, со историска победа над Аргентина. И добија премии, нормални премии. Постојат правила за наградување, како и насекаде во светот“, рече Ал Мисехал.
Во продолжение на Мундијалот, Саудиска Арабија претрпе порази од Полска (0-2) и Мексико (1-2) и го заврши настапот во групната фаза.