Американскиот милијардер Бил Гејтс е оптимист за следната година, но изразува и загриженост за одредени прашања.
Гејтс во текстот „Причини за оптимизам по тешка година“ објавен на неговиот блог наведува неколку оптимистички прогнози – од можен крај на пандемијата со Ковид-19 до развој на метавселена.
Додека како главен проблем во следната година ја посочува недовербата на луѓето во владите.
– Тоа е едно од прашањата кои ме вознемируваат најмногу со наближувањето на 2022 година, посочува Гејтс.
Тој истакнува дека политичарите треба да бидат важен фактор за решавање на проблемите предизвикани од климатските промени и спречување на следна пандемија.
– Но, малку може да се направи ако луѓето отфрлат се уште на почеток. Ако луѓето не веруваат, нема да поддржат големи иницијативи. А кога ќе се појави голема криза, тешко дека ќе ги следат инструкциите на властите за надминување на бурата, потенцира Гејтс.
Тој додаде дека таквиот скептицизам е посебно евидентен во пандемијата со Ковид-19 односно дезинформациите за коронавирусот ја нарушуваат програмата за вакцинација и го одложуваат крајот на пандемијата.
Гејтс наведува и дека политички мотивираните наслови во медиумите, како и на социјалните мрежи, ги зголемиле разликите, и тој верува дека владите можеби ќе треба да ги „регулираат“ онлајн платформите за ефикасно да се справат со дезинформациите. (МИА)