37-годишен маж е уапсен во Лонг Бич, Калифорнија, под сомнение дека планирал масовно пукање, соопшти полицијата.
Родолфо Монтоја, наводно, имал намера да пука во вработените и гостите во хотелот Мериот, каде работел како готвач, изјави вчера шефот на локалната полиција Роберт Луна, јави Си-ен-ен.
Полицијата го уапси Монтоја во неговиот дом во Хантингтон бич, откако неговите колеги јавиле во полиција за неговите планови.
„Осомничениот Монтоја имал јасна намера да изврши насилно дело што би резултирало со голем број жртви“, се вели во соопштението на началникот на полицијата.
При претресот на домот на Монтоја, полицијата пронашла оружје и тактичка опрема со која имал намера да го изврши нападот.
Оружје смеел да поседува бидејќи немал кривично досие со кое би бил спречен во тоа.
Обвинителството во Лонг Бич се очекува денес и официјално да поведе судска постапка, како и Монтоја да се појави на суд.
Не е познато дали Монтоја ангажирал адвокат.
Ова апсење во Калифорнија е само едно во низата по смртоносните напади во Дејтон и Ел Пасо од пред две недели. 28 лица се уапсени низ САД во акции наредени од ФБИ со цел да се спречат нови масовни престрелки.