петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Стано: Патот на Србија и Косово кон ЕУ води преку дијалогот за нормализација на односите

Стано: Патот на Србија и Косово кон ЕУ води преку дијалогот за нормализација на односите

Европскиот пат и на Србија и на Косово води исклучиво преку дијалогот со посредство со ЕУ, нема заобиколни патеки, и затоа двете стани мора да сфатат дека треба да се вратат на разговорите за постигнување компромис за нормализација на односите, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

Тој нагласи дека ЕУ останува на ставот дека очекува целосна и безусловна соработка од страна на Србија во истрагата за нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска на северот од Косово.

– Ги очекуваме конечните резултати од истрагата. Кога истрагата ќе биде завршена и кога ЕУ ќе ги види резултатите и ќе добие јасна слика за тоа што се случи и кои кој стои зад тоа, ЕУ ќе донесе одлука за следниот чекор, истакна Стано.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, портпаролот на ЕК не ги потврди медиумските информации дека ЕУ подготвува мерки кон Србија поради нападот врз косовската полиција, додавајќи дека тој коментира само конечни одлуки и резултати, а не процедури кои во основа се тајни.

На прашање зошто ЕУ вовела мерки само кон Косово, а не презема ништо кон Србија и се однесува како ништо да не се случило, Стано нагласи дека мерките воведни кон Приштина се поради ескалацијата на тензиите на северот на Косово и дека земјите членки на Унијата засега не видоа доволно задоволителни чекори за деескалација на состојбите, па затоа тие се уште се во сила.