Денеска се одбележува 100 години од завршувањето на Првата светска војна, а централната манифестација ќе биде одржана во Париз со присуство на повеќе од 80 шефови на држави и влади на земјите учеснички во Големата војна.
Меѓу учесниците на свеченоста во Париз, чиј домаќин е претседателот на Франција Емануел Макрон, меѓу другите, се и претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин.
Освен земјите победнички во Првата светска војна, на одбележувањето ќе присуствуваат и претставници на поразените земји, како Германија која ја претставува канцеларката Ангела Меркел.
Главната церемонија ќе почне пред Триумфалната капија, каде со наголеми воени почести на гостите ќе им се обрати францускиот претседател.
Планирано е Макрон својот говор пред гробот на Незнајниот јунак да го одржи точно во 11 часот, на 11-от ден, во 11-от месец, во моментот кога е потпишано Примирјето пред 100 години.
Во рамките на одбележувањето на годишнината, ќе се одржи првото заседание на Парискиот мировен форум, кој се воспоставува на иницијатива на францускиот претседател, како одговор на растечките тензии во светот и опасноста за меѓународната соработка.
Макрон и Меркел вчера открија плоча на помирување во близина на шумата Компиен во Франција каде беше потпишано примирјето со кое пред сто години заврши Првата светска војна.
– По повод 100-годишнината од завршувањето на војната на 11 ноември 1918. Емануел Макрон, претседател на Република Франција, и Ангела Меркел, канцеларка на Сојузна Република Германија, на ова место ја потврдија вредноста на француско-германското помирување во служба на Европа и мирот, пишува на малата плоча, на германски и француски јазик.
Ова е првпат германски канцелар да го посети тоа место од Втората светска војна, истакнуваат германските медиуми.
„Дојче веле“ подвлекува дека Британците не сакаат да бидат дел од свеченост на која доминира Франција и инсистираат на своја церемонија. И во Лондон им се подава рака на Германците – претседателот Франк-Валтер Штајнмаер е првиот германски државник кој ќе присуствува на положување венец во Лондон, што премиеркaта Тереза Меј го оцени како „историски акт на помирување“.
МИА