Меѓународната трговска размена ќе падне нагло во 2020 година, како резултат на пандемијата на коронавирус, проценува Светската трговска организација (СТО), укажувајќи на можни паралели со финансиската криза во 2008 година и Големата депресија од пред 90 години.
Трговијата оваа година би можела да се намали од 13 на 32 проценти, проценува СТО, објаснувајќи широк спектар на проценки на неизвесноста создадена од здравствената криза, пренесува Би-Би-Си.
Проценката на СТО за пад на трговската размена за 13 отсто се смета за релативно оптимистичко сценарио, појаснувајќи дека тоа рефлектира нагло опаѓање на трговијата во рана фаза и закрепнување во втората половина на годината, благодарение на успешното совладување на здравствената криза во наредните месеци.
Падот на трговијата веројатно ќе биде поголем отколку за време на финансиската криза што го зафати светот пред нешто повеќе од една деценија, предупредува СТО.