Чешка и Словачка од денеска им забранија на невакцинираните лица да посетуваат пабови и други услужни активности, откако одделенијата за интензивна нега во болниците се преполнија поради зголемениот број заболени од корона вирусот.
Чешката влада испрати војници да им помогнат на преполните болници, во кои се хоспитализирани повеќе од 700 луѓе на одделенијата за интензивна нега, а во текот на денот Владатаќе разговара за повик за вонредна состојба.
Со новите мерки им е дозволено само на оние кои се вакцинирани или го прележале ковидот во последните шест месеци да посетуваат ресторани, хотели или јавни настани како што се спортски натпревари и културни манифестации.
Според здравствениот сектор, замјата треба да воведе целосен локдаун, како што тоа го стори Австрија.
„Како Лекарска комора повикуваме на итно воведување мерки кои станаа познати како карантин. Апелираме на брзо воведување задолжителна вакцинација на здравствените работници, социјалните работници и истото го препорачуваме и за образовниот сектор“, изјави шефот на комората Милан Кубек за една чешка телевизија.
Сепак, премиерот во заминување Андреј Бабиш рече дека земјата нема да го следи примерот на Австрија, која повторно воведе целосна блокада.
За подоцна денеска се планирани демонстрации против каква било форма затворање пред Прашкиот замок.