Стотици луѓе денеска стојат во редови пред канцелариите за пасоши во авганистанската престолнина Кабул, еден ден откако талибанската влада соопшти дека повторно ќе почне да издава патни исправи.
Како што пренесува „Гардијан“, многумина почнале да чекаат претходната ноќ, очајни да ја напуштат земјата што е можно поскоро – некои од нив за да ја добијат потребната медицинска помош надвор од Авганистан, а некои во обид да избегаат од повторно воспоставената талибанска администрација.
Талибанските безбедносни сили се распоредени во близина на канцелариите за издавање пасоши.
– Не сакаме да дојде до некаков самоубиствен напад или експлозија, рече Ајмал Тофан, талибански припадник на безбедносните сили, додавајќи дека толпата во редовите предизвикува загриженост за безбедносната ситуација.
Локален огранок на терористичката Исламска држава, главниот непријател на талибанците, уби повеќе од 150 луѓе кон крајот на август кога луѓето масовно се собраа на аеродромот во Кабул, обидувајќи се да побегнат од земјата во првите денови на новиот режим на талибанците.
Набргу по враќањето на власт, талибанците престанаа да издаваат патни исправи.
Во октомври тие отворија канцеларија за издавање пасоши во Кабул, за повторно да ја затворат неколку дена подоцна откако системот за изработка на биометриски документи се преоптовари поради премногу апликации за нивно издавање.
Од оваа канцеларија вчера беше соопштено дека проблемот е решен и дека лицата чии апликации веќе се обработени можат да дојдат и да си ги подигнат документите.