Од вчера евакуирани се стотици луѓе во источна Германија поради бројните шумски пожари.
Околу 700 луѓе беа евакуирани од неколку јужни општини во провинцијата Бранденбург. Причината е шумски пожар, кој веќе се прошири на површина од 850 хектари, соопштија властите на округот Елба-Естер. „Засега не е можно да се предвиди кога пожарот ќе биде ставен под контрола“, се вели во соопштението.
Во гаснењето на пожарот се ангажирани речиси триста и педесет лица. Во напорите за сузбивање се вклучени и воени хеликоптери. Причините за пожарот не се познати.
На југ, во неделата избувна пожар во чешкиот национален парк „Боемска Швајцарија“, по што премина и на територијата на Германија, во провинцијата Саксонија.
„Ги замолуваме жителите, туристите и посетителите да ја избегнуваат областа на Саксонска Швајцарија за да не ја попречуваат работата на спасувачките служби“, соопштија локалните власти. Напорите за сузбивање се отежнати поради тешко-пристапниот терен во оваа ридска област и проблемите со водоснабдувањето.
Германија веќе неколку дена е зафатена од интензивен топлотен бран, а температурите во голем дел од земјата достигнуваат и над 40 степени.