Суданската армија денеска го врати на власт премиерот Абдала Хамдок и најави ослободување на сите политички затвореници по неколкунеделните смртоносни немири предизвикани од пучот. Според договорот што го потпиша со воениот водач генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, Хамдок ќе ја води цивилната технократска влада во транзиција.
Хамдок рече дека се согласил со договорот за да се запре крвопролевањето.
„Суданската крв е драгоцена, да го запреме крвопролевањето и да ја насочиме енергијата на младите на градење и развој“, рече тој.
Но, цивилната коалиција која ја дели власта со војската претходно соопшти дека се противи на какви било разговори со „пучистите“ и повика на продолжување на протестите.