Судот во Виетнам вчера осуди 54 лица на затворски казни, меѓу кои и неколку високи државни функционери и поранешен министер, во еден од најголемите антикорупциски случаи во земјата, пренесе Бета.
По повеќе од две недели судење, судот во Ханој осуди десетици поранешни функционери, вклучително и неколку високи дипломати и поранешен заменик министер за надворешни работи, за прифаќање, нудење или соучесништво во поткуп, измама и злоупотреба на службената положба.
Поранешен министер е осуден на 16 години затвор за примање мито од над 900.000 долари (околу 815.000 евра).
Четворица поранешни високи функционери во министерствата за надворешни работи, за здравство и за јавна безбедност се осудени на доживотни казни, а десет бизнисмени и цивили се осудени на условни казни.
Обвинетите биле вклучени во шема во која дипломати и бизнисмени земале пари од виетнамски граѓани во странство кои сакале да се вратат во земјата со летови за време на пандемијата, кога комерцијалните патувања не биле дозволени. (МИА)