Портпаролот на премиерот го потврди потегот откако новиот премиер беше притиснат за ова прашање од пратеничката од Партијата на зелените, Каролин Лукас, за време на неговиот прв настап во Долниот дом на британскиот парламент, на кој одговараше на прашања на пратениците
Британски премиер Риши Сунак повторно го воведе мораториумот за екстракција на нафта и гас од шкрилци – таканаречен фракинг, потврди Даунинг стрит, пренесува Би-би-си.
Станува збор за можеби првата одлука на новиот премиер на Велика Британија, кој официјално функцијата ја презеде вчера.
Портпаролот на премиерот ја потврди одлуката откако новиот премиер беше притиснат за ова прашање од пратеничката од Партијата на зелените, Каролин Лукас, за време на неговиот прв настап во Долниот дом на британскиот Парламент, на кој одговараше на прашања на пратениците.
Тој пред пратениците изјави дека стои на одлуката на Конзервативната партија од 2019 година и инсистираше на тоа дека неговата влада ќе го исполни она што беше договорено на климатските разговори на Обединетите нации ЦОП 26 во Глазгов.
Претходничката на Сунак, поранешната премиерка Лиз Трас, соопшти дека ја укинува забраната во области каде што се бара вадење нафта од шкрилци бидејќи тврдеше дека тоа ќе го зајакне снабдувањето со енергија на земјата.
За време на кампањата за лидерската позиција на ториевците ова лето, Риши Сунак беше директно прашан: „Фракинг – да или не, дали ќе го поддржите?“
Неговиот одговор го отсликуваше оној на неговата противничка Лиз Трас:
„Да, ако локалните заедници го поддржат тоа“, изјави тогаш Сунак.
Но, на денешниот настап во парламентот таа позиција, како што наведува британскиот национален сервис, се чини дека таа позиција сега е сменета.
„Јас за ова стојам на манифестот“, рече Сунак на прашањето за мораториумот за фракинг од страна на пратеничката на Зелените, Каролин Лукас.
Во тој манифест на Конзервативната партија од 2019 година беше наведено дека забраната нема да се промени доколку „науката не покаже категорично дека тоа може да се прави безбедно“.
Тоа не се случи така што навидум се чини дека ова е двоен пресврт, наведува Би-би-си.
И укинувањето на мораториумот од страна на управата на Трас и изразените ставови на Сунак на изборната дебата пред три месеци се сменија.
Хидрауличната фракција или фракингот е постапка за искористување на гасот и нафтата од карпите од шкрилци.
Постапката вклучува дупчење во земјата и насочување на мешавина од вода, песок и хемикалии под висок притисок во карпестиот слој со цел да се ослободи гасот внатре.
Сунак во својот прв премиерски говор пред Даунинг стрит 10 истакна дека на врвот на својата владина агенда ќе ги стави економската стабилност и довербата, но и дека тоа значи оти ќе се носат тешки одлуки.
Тој истакна дека Лиз Трас била во право што сакала да го подобри растот и дека тоа била „благородна цел“, но нагласи дека беа направени грешки и посочи дека тој е избран за премиер за да ги поправи тие грешки.