недела, 17. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Сунак одлучи да ги задржи министрите Хант, Клеверли и Волас

Сунак одлучи да ги задржи министрите Хант, Клеверли и Волас

Новиот британски премиер Риши Сунак одлучи да го задржи Џереми Хант за министер за финансии, откако Лиз Трас го назначи во средината на октомври, со цел да ја смири финансиската бура што ја покрена нејзината економска програма.

Искусниот политичар кој помина низ министерствата за здравство и за надворешни работи, Џереми Хант (55), ги укина речиси сите даночни намалувања што ги донесе владата на Лиз Трас и предупреди дека доаѓаат тешки мерки, поттикнувајќи ги стравувањата за враќање на штедењето.

Новите буџетски мерки треба да бидат објавени на 31 октомври.

Претходно, неколку министри во британската влада поднесоа оставки, неколку часа откако Сунак, новиот лидер на конзервативците стана премиер.

Риши Сунак одлучи да го задржи на функцијата Џејмс Клеверли – министер за надворешни работи и Бен Волас за одбрана, и покрај тоа што и двајцата го поддржаа враќањето на поранешниот лидер Борис Џонсон.

Нивното назначување, заедно со Џереми Хант за министер за финансии, сигнализираа континуитет на врвот по драматичните пресврти регистрирани во времето на претходничката на Сунак, Лиз Трас, јавија британските медиуми. (МИА)