Британскиот премиер Риши Сунак денеска изјави дека само владите можат да се справат со ризиците од вештачката интелигенција (ВИ), технологија која може да го олесни развојот на хемиско или биолошко оружје, да шири страв и, во најлош случај, да биде вон контрола на човекот.
Сунак говорејќи пред претстојниот глобален собир истакна дека се надева оти учесниците ќе се договорат за природата на ризиците.
Тој најави и дека во Велика Британија ќе се формира Институт за безбедност на вештачка интелигенција за „да ги преиспита, процени и тестира новите типови на вештачка интелигенција за да знае за што е способен секој нов модел“.
– Ако направиме грешка овде, вештачката интелигенција би можела да го олесни создавањето на хемиско или биолошко оружје, а во неверојатни, но екстремни случаи постои ризик вештачката интелигенција целосно да биде вон контрола на човекот, предупреди Сунак.
Во Блечли Парк, седиштето на британските експерти за дешифрирање на шифрирани пораки за време на Втората светска војна, на 1 и 2 ноември се одржува собир на претставници на компании за вештачка интелигенција, политички лидери и експерти.
Сунак наведе дека Велика Британија сака да биде глобален лидер во безбедноста на вештачката интелигенција. На состанокот била поканета и Кина, но засега нема потврда дека ќе испрати свој претставник.